Од 48-мата седница на Владата: Утврден пакетот мерки од областа на образованието во услови на КОВИД-19 криза; Учебната година продолжува и ќе заврши онлајн

30 aприл 2020

Владата на Република Северна Македонија на денешната 48-ма седница ја разгледа и усвои информацијата со пакет мерки од областа на образованието кои се однесуваат на спроведување на едукативен процес во услови на КОВИД-19 криза, на предлог на Министерството за образование и наука (МОН).

Првата мерка се однесува на наставата во основните и средните училишта за која се утврдува дека ќе се организира преку далечинско учење односно учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација, до 10 јуни 2020 година.

Примената на оваа мерка е утврдена во Уредбата со законска сила за примена на Законот за основното образование за време на вонредна состојба и Уредбата со законска сила за примена на Законот за средното образование за време на вонредна состојба, во делот на организирање на далечинско учење односно учење од дома до крајот на наставната година односно до 10 јуни 2020 година.

Со втората мерка се предлага одложување на уписот на ученици во прво одделение во основно образование и се определува дека запишувањето на децата во прво одделение во основно училиште за учебната 2020/2021 година, ќе се реализира во месец јуни, а за запишаните ученици училиштето истакнува список на огласната табла на училиштето, најдоцна до 15 јули 2020 година.

Другите детали, како и механизмите со кои ќе се спроведе оваа мерка ќе бидат дефинирани со одлуки или уредби во текот на следните денови. Дополнително, во текот на следните денови ќе се дефинира и Предлог-уредба со законска сила за ослободување на учениците од завршните години во учебната 2019/2020 од полагање матура.

Министерството за образование и наука ќе достави до Владата и предлог за изменување на уредбата за спроведување на можноста за упис на високо-образовните установи без полагање на матура за учениците од завршните години во учебната 2019/2020 година.

Владата го задолжи Министерството за образование и наука да достави и предлог уредба за продолжување на роковите за важење на студиските програми, чија важност престанала во академската 2019/2020 година.

На оваа своја седница Владата донесе дополнување на Уредбата за примена на Законот за угостителската дејност за време на вонредна состојба, со чии одредби се регулира времето на продолжување на важноста на Решението за категоризација на угостителските објекти на кои им истекува за времетраење на вонредната состојба.
 

English
АКТУЕЛНОСТИ: