Вицепремиерот Анѓушев и министерот Бектеши го најавија јавниот повик за изградба на фотонапонски електрани на приватно земјиште – Можност за инвестиции во енергетски проекти за сите граѓани

25 јули 2019


Заменикот претседател на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и министерот за економија м-р Крешник Бектеши, денес, на прес конференција во Владата информираа дека од наредната недела до 27 септември ќе биде распишан јавен повик за изградба на фотонапонски електрани на приватно земјиште со вкупна инсталирана моќност од 27 мегавати по принцип на Премиум.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека овој јавен повик е извонредна можност за сите граѓани, правни и физички лица, да реализираат инвестиции во енергетски проекти, а со тоа да се зголеми и производството на електрична енергија од обновливи извори.

„На овој јавен повик, може да аплицира секој граѓанин, било каде на територијата на Република Северна Македонија, секој оној којшто располага со сопствено земјиште или има договор за наем на земјиште има можност да изгради фотонапонска електрана по принцип на Премиум. За да го задоволиме интересот на сите граѓани, фотонапонските електрани на приватно земјиште се поделени во четири категории, од најмали со инсталиран капацитет од 0-200 киловати до фотонапонски електрани од 1-3 мегавати. Ако некој сака да изгради фотоволтаик со инсталиран капацитет од 50 киловати, ќе треба да реализира инвестиција од 30-35 илјади евра, односно треба да обезбеди сопствено учество од околу 5 илјади евра, а останатите средства да ги обезбеди преку кредитирање. Фотонапонските електрани се поделени во четири категории, за да големите инвеститори не им конкурираат на малите и секој да има можност да инвестира во фотонапонски електрани“, објасни вицепремиерот Анѓушев.

Министерот за економија Крешник Бектеши изтакна дека еден од главните приоритети на Владата на Република Северна Македонија е да го подобри квалитетот на животот на своите граѓани. Овој  приоритет се применува и во енергетскиот сектор преку политики кои овозможуваат промоција на обновливите извори на енергија како и унапредување на енергетскатаефикасност. 

„Јас како министер за економија на 7 февруари 2019 година донесов Одлука за започнување на тендерска постапка со аукција за доделување на премии за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали изградени на земјиште кое не е во сопственост на Република Северна Македонија или на земјиште во сопственост на Република Северна Македонија на кое е воспоставено право на користење, со која се утврди вкупната инсталирана моќност на фотонапонските централи за коишто врз основа на оваа тендерска постапка се доделува премија изнесува 27 MW. Предмет на договорот е Доделување на право за користење на премија за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали изградени на земјиште кое не е во сопственост на Република Северна Македонија или на земјиште во сопственост на Република Северна Македонија на кое е воспоставено право на користење, во период од 15 (петнаесет) години. Критериум за избор на најповолна понуда е најниска понудена фиксна премија за инсталирана моќност за поединечна фотонапонска електроцентрала во рамки на вкупната инсталирана моќност за соодветниот дел, а максимален износ на премијата е 15 евра за 1 мегават час“, потенцираше министерот за економија Бектеши.

Јавниот повик за изградба на фотонапонски електрани на приватно земјиште по принцип на премиум е поделен во четири категории, а главен критериум за избор е најнискиот понуден премиум на јавниот повик:
1. фотонапонски електрани од 0-200 киловати (вкупно 2 мегавати);
2. фотонапонски електрани од 200-500 киловати (вкупно 5 мегавати);
3. фотонапонски електрани од 0,5-1 мегават (вкупно 10 мегавати);
4. фотонапонски електрани од 1-3 мегавати (вкупно 10 мегавати).

 

Линк до видео од прес конференцијата на вицепремиерот Анѓушев и министерот Бектеши: 

АКТУЕЛНОСТИ: