Вицепремиерот Анѓушев, директорот Бабовски и градоначалникот на Велес, Коцевски во увид на градежните работи на локалниот пат Клуковец-Сливник-Бузалково - Се решава дводецениски проблем со кој се соочуваат граѓаните

7 септември 2019


По само неколку дена од потпишување на договорите за имплементација на капитални инфраструктурни проекти преку Програмата за рурален развој, општина Велес започна со изградба на локалниот пат кој ги поврзува селата Клуковец, Сливник и Бузалково, а кој е дводецениско барање на граѓаните од овие села.

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, денес, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски и градоначалникот на општина Велес Аце Коцевски, денес, извршија увид во градежните активности кои се одвиваат на локалниот пат.

Вицепремиерот Анѓушев изрази задоволство што општина Велес во многу брз временски период успеа да ја заврши целата документација за реализација на проектот и започна со реализација на истиот, со што се исполнува даденото ветување кон граѓаните на село Сливник и останатите населени места и се унапредува животот на граѓаните во овој регион.

„Ова е еден долгочекуван пат, преку 20 години го чекаат жителите на населеното место Сливник. Не е во ред во 21-от век да постојат места во државата каде нема асфалтен пат, особено што Сливник е живо место, со бројно население и многу деца. Станува збор за локален пат во должина од 5,2 километри, кој ќе се гради во три делници и очекуваме да биде завршен до крајот на годината. Со завршување на овој проект, граѓаните од Сливник ќе добијат квалитетен пат, наместо како досега да се движат по земјен пат, со што ќе го подигнеме квалитетот на живот на граѓаните кои живеат во Сливник. Патот ќе овозможи поквалитетно поврзување на Сливник со селата Клуковец и Бузалково, а со самото тоа и со градот Велес. Активно работиме да сите жители во цела држава имаат поквалитетни услови за живот, не само во големите градови, туку и во помалите места, Северна Македонија треба да биде држава каде граѓаните, независно каде живеат, имаат подеднакву услови за живеење“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Директорот на Платежната агенција Николче Бабовски, посочи дека преку Програмата за рурален развој, општина Велес доби поддршка за реализација на 4 проекти во вкупна вредност од над 50 милиони денари.

„Се инвестира токму во оние подрачја и за неопходните потреби на граѓаните. Задоволство е кога ќе видиме дека проектите ги решаваат егзистенцијалните проблеми на месното население. За само неколку дена потпишавме договори за реализација на 19 проекти, во висина од 2,8 милиони евра, а очекуваме во наредниот период и сите други општини да ги завршат тендерските постапки и преку Програмата за рурален развој средствата да ги инвестираме за потребите на граѓаните“, нагласи Бабовски

Градоначалникот на Велес Аце Коцевски изрази голема благодарност до Владата на Република Северна Македонија и Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, за финансиската поддршка во реализација на проекти значајни за општината.

„Ова се историски моменти за жителите на село Сливник. Нивните децениски барања вродија со плод, започнуваме со изградбата на патот кон Сливник, низ Сливник и кон Бузалково, од кој корист ќе имаат граѓаните од сите населени места. Со овој пат децата од Сливник, но и од Клуковец, кои одат на училиште во Бузалково, многу побрзо ќе стигнуваат до училиштето, наместо како досега кога требаше да вртат преку Раштани и да влегуваат во Велес. Вкупната инвестиција со средства од агенцијата и од општината е над 650 илјади евра“, посочи Коцевски.

Жителите на населените места изразија огромно задоволство што овој проект започна со реализација и истакнаа дека на овој начин ќе се поредностават нивните секојдневни активности и ќе се подигне квалитетот на животот.

 

Линк до видео од изјава на вицепремиерот Анѓушев: 

Линк до видео од изјава на директорот Бабовски:

Линк до видео од изјава на градоначалникот Коцевски:

АКТУЕЛНОСТИ: