Стратегијата за развој на енергетиката на Република Северна Македонија до 2040 година

Стратегијата за развој на енергетиката на Република Северна Македонија до 2040 година (Стратегијата) е изготвена според барањата на новиот Закон за енергетика, кој беше донесен на крајот на мај 2018 година. Сеопфатната цел на Стратегијата е да обезбеди носење на политики во енергетскиот сектор врз база на докази преку робустна аналитичка работа и консултација со широко учество, која го поддржува одржливиот развој и која ја разбираат сите чинители, а ја спроведува Владата на Република Северна Македонија. Стратегијата обезбедува платформа за целокупната модернизација и трансформација на енергетскиот сектор во согласност со енергетските трендови на ЕУ, придонесувајќи за зголемен пристап, интеграција и достапност на енергетските услуги, намалување на локалното и на глобалното загадување, и зголемено учество на приватниот сектор, земајќи ги предвид развојниот потенцијал на Северна Македонија и домашните специфики. Со тоа, Стратегијата ги интегрира климатските и околинските аспекти на енергетскиот сектор, истовремено предлагајќи достапна, сигурна и одржлива енергија за иднината. Паралелно, развиена е стратешка оцена на влијанијата врз животната средина (SEA) како посебен документ за процена на околински остварливите и одржливите опции за постигнување на целите.

Владата, претставена од Кабинетот на заменик-претседател на Владата на РМ задолжен за економски прашања и релевантните министерства: Министерството за економија и Министерството за животна средина и просторно планирање, искажаа јасна потреба за развој на Стратегијата. Покрај тоа, другите чинители во енергетиката вклучувајќи ги енергетските регулатори, енергетските здруженија и енергетските претпријатија (и јавни и приватни) активно беа вклучени, а Секретаријатот на Енергетската заедница редовно беше информиран низ целиот процес на развојот на Стратегијата. За процесот да биде транспарентен и сеопфатен, како и да се стекне разбирање од јавноста и од невладиниот сектор, беше вклучена репрезентативна група од невладини организации.

Техничката работа на Стратегијата ја спроведоа PricewaterhouseCoopers (PwC), Strategy& (part of PwC network) и Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).Проектот следи инклузивен процес со придонеси од чинителите и одржани работилници што создадоа силна сопственост над Стратегијата и резултираа со усогласен поглед низ целиот енергетски синџир на вредности. Чинителите учествуваа во идентификувањето на прашањата, одобрувањето на методологиите, утврдувањето на целите, ревидирањето и дискутирањето на наодите.

Овој проект е подготвен во склоп на програмата Good Governance Fund (GGF) финансиран од Владата на Обединетото Кралство.

 

ЛИНК ДО СТРАТЕГИЈАТА ЗА ЕНЕРГЕТИКА